Дрвото што францускиот претседател Емануел Макрон му го подари на Доналд Трамп при неговата минатонеделна посета на Вашингтон исчезна од тревникот пред Белата куќа.
Двајцата претседатели заеднички засадија садница даб, што беше земена од местото на битка од Првата светска војна во североисточна Франција.
Макрон притоа изјави дека дрвото ќе биде потсетник на врските што постојат помеѓу двете земји.
Но, на местото кадешто беше засадено, по само една недела може да се најде само купче земја и францускиот амбасадор во САД напиша на Твитер дека садницата била однесена во карантин.
Дрвцето беше донесено од местото на коешто во летото 1918 година се водела Битката на Беју Вуд, во којашто загинале и речиси 2.000 американски војници. Сепак, тоа по само неколку дена исчезна без објаснување, што предизвика низа шпекулации на интернет.
„Ваков тип даб е подобро да се засади во есен, затоа што постои можност коренот да му се исуши преку лето. Да се надеваме дека дрвото ќе се врати во октомври“, објави француското радио „Франсинфо“.