ИСМЕТ РАМИЌЕВИЌ СО ПЕРФОРМАНСОТ „ЗМИЈА“ ВЕЧЕРВА ВО СТРУГА

Струга, (СМАРТ СДК.МК)

Реномираниот македонски уметник Исмет Рамиќевиќ, вечерва во 20.30 часот, на летната сцена во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе го изведе перформансот „Змија“.

„Проектот со перформансни содржини произлегува од милитантниот мултимедијален проект ‘Молк’, кој беше изведен во Музејот на Град Скопје. Досега се изведени перформансите ‘Ритам’, ‘Ѓуле’ и ‘Шмирглање’, а по ‘Змија’, ќе останат ‘Сечење’ и ‘Бушење’. Сите овие наслови упатуваат на деструкција, на уништување на самиот милитантен објект“, најавува Рамиќевиќ.

Перформансот е дел од првата ликовна колонија „Културен мост“ во Струга, која завршува утре и на која учествуваат ликовни уметници од Грција и Македонија.

Иницијативата за ликовната колонија е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје и од Македонија учествуваат Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска и млади сликари од Струга.

Завршната изложба на учесниците на колонијата ќе биде отворена в петок во 20 часот, во НГМ Чифте амам во Скопје.