Промовиран е јубилејниот 25. број на списанието „Велес“, кое пишува за Велес, велешани и роднокрајни теми. Издавач е Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. Главен и одговорен уредник е проф. д-р Васил Тоциновски.
„Списанијата се најдобриот барометар за секоја национална култура и литература. Велес може да се пофали дека е еден од малкуте градови во Макeдонија кој има свое списание. На одреден начин овој јубилеен број ги донесува постојаните четири рубрики, статии, книгопис, велешки духовен архив и книжевен летопис. Авторите се од сите страни на светот, но пишуваат за Велес. Има 29 книжевни прилози, во кои се пишува за традицијата, континуитетот и за материјалното и духовното богатство на Велес“, кажа Тоциновски.
Во овој број отпечатени се, меѓу другите, текстови за цивилните жртви во Велес и Велешко во Првата светска војна од Вера Гошева, книжевната критика од велешани во 19. век од Славчо Ковиловски, историјата на поштенските картички од Виктор Габер и Зоран Стрезовски и за просветителските прилики во Велес во предвечерието на Првата светска војна од Силвана Сидеровска-Чуповска.
Списанието првпат доби УДК број – универзалната децимална класификација, што е меѓународен систем за класификација на библиотеките. Се користи во околу 130 земји.
П. ПЕЧКОВ