ИЗЛОЖБА НА АНГЕЛ ПЕТРОВ ВО ВЕЛЕС СОСТАВЕНА ОД ПОРТРЕТИ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Невообичаена изложба од денеска може да се види пред домот на велешкиот уметник Ангел Петров. Посветена е на Гоце Делчев, кој заедно со Коста Рацин, беше чест мотив на делата на академскиот сликар.

„Изложбата е во чест на 150-годишнината од раѓањето на Делчев. Поставените портрети се дело на Ангел Петров, работени во различни техники: масло, пастел, туш, молив или комбинирана техника“, соопштија од фондацијата Ангел Петров.

Изложбата ќе биде поставена до 7 февруари на улицата Архиепископ Михаил бр. 11.

Петров е роден, твореше и почина во Велес. Им предаваше на илјадници ученици како професор по ликовно образование.

П. ПЕЧКОВ