Околу 1,1 милион луѓе ја виделе големата изложба на Леонардо да Винчи во музејот Лувр во Париз. Изложбата која се отвори во октомври заврши во понеделникот и забележа рекордна посетеност, објави музејот.
Големата поставка, која беше организирана по повод 500-годишнината од смртта на уметникот, привлече двојно повеќе посетители од изложбата која претходно го држеше рекордот. Во 2018, околу 540.000 луѓе дошле за големата ретроспектива на францускиот уметник од 19. век Ежен Делакроа.
Изложбата на италијанскиот ренесансен уметник беше толку голем хит што билетите предвреме се распродадоа. Во просек, дневно доаѓале 10.000 посетители, а билетот чинеше 17 евра.
Рекордот за најпосетена изложба во Франција го држи поставката за Тутанкамон од Националниот музеј на Египет, која лани беше поставена во уметнички комплекс во северен Париз. Таа изложба ја посетиле 1,4 милиони лица.