КАФУЛИЊАТА И КАФАНИТЕ ОТВОРЕНИ ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВА МЕСЕЦА, НО СО СТРОГ ПРОТОКОЛ НА РАБОТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повеќе од два месеца, кафулињата и останатите угостителски објекти од денеска повторно служат гости, но студеното време не им одеше во прилог во услови кога смеат да работат само летните тераси.

Ова е еден од клучните испити во нормализирањето на секојдневниот живот среде пандемијата на коронавирусот, па затоа за работата на кафулињата, рестораните и кафаните беше донесен и посебен владин протокол.

(Фото: К. Попов)

Нивното работно време ќе биде од осум до 22 часот и на една маса можат да седат најмногу две лица, односно четири ако се од исто семејство. На споени маси се дозволени максимум 12 лица.

Растојанието меѓу масите мора да изнесува 1,5-2 метра во сите правци, за вработените е задолжително да носат заштитна маска, а локалите треба да почитуваат строги санитарно-хигиенски мерки и редовно да се дезинфицираат.

Одлуката за затворање на угостителските објекти беше донесена на 14 март, кога во земјата имаше само 19 потврдени случаи на коронавирус.