КАКО ДА СУМ ПРВ ЧОВЕК НА МЕСЕЧИНАТА, ИЗЈАВИ ЕЛИУД КИПЧОГЕ ОТКАКО ПРВ ВО ИСТОРИЈАТА ИСТРЧА МАРАТОН ЗА ПОМАЛКУ ОД ДВА ЧАСА

Виена, (Си-Ен-Ен)

Се чувствувам како прв човек на Месечината“, изјави Елиуд Кипчоге откако утрово стана првиот човек во историјата кој истрчал маратон за помалку од два часа.

Сепак, неговиот резултат од еден час, 59 минути и 40 секунди, остварен во идеални услови на специјално организиран настан, нема да биде признат за нов светски рекорд, бидејќи „Инеос 1:59 челенџ“ во Виена не важи за официјално натпреварување. Целта на 34-годишниот Кениец, сепак, беше поинаква.

Во Виена трчав заради историја, Сакав да инспирирам, да испратам порака дека луѓето немаат ограничувања“, изјави Кипчоге.

Неговиот подвиг уследи 65 години откако Британецот Роџер Банистер истрча една милја за помалку од четири минути, што за тоа време исто така важеше за незамислив, историски резултат.

Претседателот на Кенија Ухуру Кенијата беше меѓу првите кои му честитаа на Кипчоге, додека илјадници негови сонародници славеа на улиците.

Успеа, испиша историја и Кенија се гордее. Твојата денешна победа ќе инспирираа десетици идни генерации“, напиша Кенијата на Твитер.

За да успее, Кипчоге мораше да трча 100 метри за 17,08 секунди 422 пати по ред со брзина од 21,1 километар на час. Тој притоа имаше помош од 42-ца пејсмејкери, од кои повеќето врвни тркачи на средни и долги патеки и темпото цело време му беше во рамките на рекордот.

Ова ја покажа позитивната страна на спортот. Денеска трчавме заедно и само така можеме светот да го направиме поубаво место“, кажа Кипчоге, кој е олимписки првак и носител на официјалниот светски рекорд во маратон (2:01:39).