КАКО ДРУГА ПЛАНЕТА – ВО ИЗРАЕЛ ОТКРИЕНА НАЈДОЛГАТА СОЛЕНА ПЕШТЕРА НА СВЕТОТ

Тел Авив, (Би-Би-Си)

Израелски истражувачи тврдат дека ја откриле најдолгата солена пештера на светот. Драматичните тунели на десет километри долгата пештера Малхам, што се наоѓа над Мртво Море, биле истражувани и обележувани во последните две години. Таа се наоѓа во близина на местото каде што, според Библијата, жената на Лот била претворена во столб од сол.

„Очекуваме со тек на време дождовите уште повеќе да ја продолжат пештерата“, велат истражувачите.

Малхам, која се протега низ планината Содом, се состои од стотици одаи, од кои најдолгата има 5,6 километри.

Пештерата се протега низ планината Содом (Фото: Гети)

Солените пештери се ретки геолошки појави и само неколку од нив се долги повеќе од еден километар. Досегашниот рекорд го држеше пештера во Иран, долга 6,85 километри. Најчесто се среќаваат во многу суви области, токму како оваа околу Мртвото Море.

„Она што оваа пештера ја прави уникатна е што е толку долга. Обележувањето на Малхам беше тешка задача. Десет часа на ден работевме во подземјето. Таму долу изгледа како да е друга планета“, изјави шефот на меѓународниот истражувачки тим Ефраим Коен.