КАКО ЛАЖНИ ВЕСТИ ЈА ПОДГРЕВАА ТЕНЗИЈАТА НА РЕФЕРЕНДУМОТ ВО КАТАЛОНИЈА

Мадрид, (АФП)

Пет години стара слика од штрајк на рудари, парализирано момче и жена со скршени прсти, ова се драматичните сцени што се појавија на социјалните мрежи за време на референдумот во Каталонија, но сите тие имаат една заедничка работа: тоа се лажни вести и само подгреваат тензија.

На социјалните мрежи особено се ширеше фотографијата на жена, на која полицијата, наводно, ѝ скршила прсти, обидувајќи се да ја спречи да гласа. Таа подоцна изјави на телевизија дека раката само ѝ била отечена. Лажна беше и веста дека едно момче останало парализирано поради полициската бруталност.

Вакво нешто досега не сме виделе во Шпанија. Поплава од лажни вести почна неколку дена пред референдумот“, вели новинарката Клара Хименес, која на Твитер ја разоткрива вистината за вести што се шират онлајн.

Многу фотографии од луѓе повредени од полицијата, всушност, се преземени од некои други демонстрации, а приватната телевизија „Ла Секста“ откри дека се користени и снимки од штрајкот на рударите во Астурија, што се случи уште пред пет години.

Луѓето го гледаат она што сакаат да го видат и веруваат во тоа. Тие не се сомневаат, бидејќи се под силни емоции“, вели Хименес.

Каталонското министерство за здравство објави дека околу 900 луѓе биле повредени на денот на референдумот, но вистината е дека два дена подоцна, само двајца сѐ уште биле во болница.

Секој што бил удрен се водеше како повреден. Јасно е дека на сепаратистите им одговараа ваквите слики на насилство. Бидејќи ги освоивте медиумите, слободно кажете дека има над 800 повредени“, смета политичкиот аналитичар Габриел Коломе.