ЌЕ ДОНИРАМЕ ЗА КУПУВАЊЕ МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА УЧИЛИШТАТА „НИКОЛА КАРЕВ“ И „БРАЌА РАМИЗ“, ВЕЛАТ ОД БЕНДОТ „РИНГТОНС“ ПРЕД ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Рингтонс“ на 21 ноември од 20 часот ќе одржи јубилеен хуманитарен концерт во клубот „Станица 26“ во Скопје. Парите собрани од билетите ќе ги донира за купување музички инструменти за учениците од СУГС ,,Никола Карев’’ и ООУ „Браќа Рамиз-Хамид” од Скопје. Бендот годинава слави 10 години постоење, а на концертот гости ќе бидат познати музичари: Верица Пандилоска, Лидија Кочовска, Никола Перевски-Пере, групата „Дупер“, како и бендовите од училиштата „Карев бенд“, и „БХР бенд“, диџеј Славе и водителката Јана Серафимова, која има завршено Музичка академија. Билетите за концертот се 200 денари.

Идејата за овој јубилеј се роди од нашата желба да си го прославиме патот што го изминавме како бенд и да изразиме искрена благодарност кон заедницата која неуморно нè поддржуваше. Инспирацијата за донирање средства за набавка на музички инструменти во овие училишта произлезе од нашата верба во значењето на музичкото образование за младите генерации. Особено бидејќи некои од нас ги направија првите музички чекори токму во тие училишта, сметаме дека овој гест претставува личен и искрен начин да им се одолжиме и да ги поддржиме идните таленти“, велат од бендот.

Додаваат оти гостите на јубилејот ги избрале водени од нивните соработки и долгогодишни пријателства во музиката.

Особена чест ни претставува присуството на Верче Пандиловска, која и покрај тоа што живее во Холандија, одлучи да ни се придружи на овој значаен настан. Нејзиното учество несомнено ќе внесе уникатна и посебна димензија на прославата“, велат од „Рингтонс“.

Во бендот, вокал е Дина Јовановска, Симон Пеоски е вокал и гитара, Неврус Бајрам свири гитара и пее придружни вокали, Дарко Фотиновски е на бас гитара, а Кристијан Лафазановски на тапани. 

Не би биле комплетни доколку не го спомнеме и нашиот тонец Давид Матевски, кој е неразделен дел од нашиот тим, обезбедувајќи беспрекорен звук на секој настап. Исто така, сакаме да изразиме голема благодарност до Лео и Дејан, кои несебично ни помагаат со поставување и транспорт на нашата опрема“, велат од бендот.

На нивните настапи се свират светска рок, поп-рок, поп и денс музика, како и поп и ретро хитови од македонската музичка сцена.

Сакаме да создадеме динамично и незаборавно музичко искуство за нашата публика. Иако во моментот не планираме да работиме на авторска музика, секој од нас има богато искуство во создавањето оригинални композиции во други бендови. Нашиот сегашен фокус е насочен кон споделување на нашите страст и енергија со публиката преку изведба на познати и сакани песни. Сепак, музиката е жив процес и никогаш не се знае каде може да нè одведе инспирацијата во иднина“; велат од „Рингтонс“.

М. ЏАРОВСКА