КИНА И НЕПАЛ ЌЕ ЈА ОБЈАВАТ НОВАТА ВИСОЧИНА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Пекинг, (Гардијан)

По една деценија чекање, светот конечно треба да ја дознае новата височина на Монт Еверест.

Кина и Непал се здружија да ја измерат највисоката планина на светот и според меморандум од 2019, заеднички мора да ги објават резултатите, што беше одложено поради пандемијата. Непал лани испрати свој тим на врвот, додека кинеската експедиција отиде во мај годинава.

Двете држави не се согласуваат околу вистинската височина на Монт Еверест, која сега е поставена на 8.848 метри, па во 2010 се договориле да го решат „спорот“.

„Кинеската страна го прифати тврдењето на Непал дека снежната височина на Монт Еверест е 8.848 метри, додека тие го признаваат кинеското тврдење дека карпестата височина изнесува 8.844,43 метри“, кажа во тоа време министерството за надворешни работи на Кина.

Сите досегашни мерења ги имаат спроведено американски, европски и индиски екипи, но не и земјите кои тука ја делат границата.

Височината на Монт Еверест првпат била утврдена во 1856 година, кога изнесувала 8.840 метри.