КИНА ЗАБРАНУВА ПЛАСТИЧНИ КЕСИ И ДРУГА ПЛАСТИКА

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кина, еден од најголемите корисници на пластика на светот, објави амбициозен план за забрана на пластиката за еднократна употреба низ земјата.

Неразградливи кеси ќе бидат забранети во најголемите градови до крајот на годинава, а до 2022 во сите градови. Ресторанската индустрија до крајот на годината ќе мора да се откаже од пластични сламки за една употреба.

Кина долго време се мачи да се справи со ѓубрето што го прават нејзините 1,4 милијарди жители. Најголемата депонија во земјата, која има големина на 100 фудбалски игралишта, веќе е полна, 25 години пред предвидениот рок. Само во 2017, урбаните домаќинства насобрале 215 милиони тони отпад, но нема официјални податоци колку се рециклира.

Иако пластичните кеси ќе бидат забранети во сите градови до 2022, тие ќе можат да се користат на пазарите за свежи производи до 2025 година. Ресторанската индустрија ќе мора да ја намали употребата на пластиката за еднократна употреба за 30%, а таа целосно ќе биде забранета во хотелите до 2025 година.

Војна на пластиката претходно ѝ објавија и Тајланд и Индонезија, вклучувајќи го и Бали.