Изложбата „Не си одам дома“ на уметницата Клелија Живковиќ ќе се отвори на 3 декември во Мала станица, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), во 20 часот. Изложбата содржи дела создадени во 2023 и 2024.
„Тишината во темнината е поинаква од тишината на денот. Кога ќе стивне денот, шепотот најјасно се слуша. Изговореното и премолченото женско знаење. Насилството од кое се штитиме една со друга. Насилството што си го нанесуваме една на друга. Ужасот што го обзема односот кој некогаш бил безбеден. Она што не си дозволуваме да го именуваме, а кое клокоти во нашите клетки и не дозволува да биде занемарено. Угнетувањето на нашата планета и на нашите тела се истата приказна. Оваа изложба е мојот пренос од меѓусветот. Од несветот. Од разсветот“, вели Живковиќ.
Живковиќ (1989) е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Во 2023 ја доби наградата „Денес“ за млади визуелни уметници.