Ракописот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023, соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“. На годинашниот конкурс, што „Арс Ламина“ го организира во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, учествуваа 36 ракописи.
За победникот одлучи жирито во состав Николина Андова-Шопова (писателка), Ивана Трајаноска (писателка и универзитетска професорка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа).
„’Риба во(н) мрежа‘ е тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без помошта од паметните телефони. Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната“, стои во образложението на жирито.
Матевска-Атанасова е родена во 1991 во Битола. По професија е дипломиран психолог и досега објавила пет книги.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од 90.000 денари, статуетка и објавување на победничкиот роман во посебна едиција на „Арс Ламина“.
„Арс Ламина“ додава дека конкурсот за избор на најдобар необјавен роман за 2024 е веќе отворен и авторите можат да ги пријавуваат своите ракописи најдоцна до 1 септември.