КОАЛИТЕ ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ ВО ДЕЛОВИ НА АВСТРАЛИЈА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Коалите би можеле да исчезнат во австралиската држава Нов Јужен Велс до 2050 година, се вели во нов извештај.

Популацијата на некогаш широко распространетите торбари драстично се намали поради уништување на живеалиштата, болести и климатски настани. Се проценува дека 5.000 коали умреле во последните уништувачки пожари, објави државниот парламент. Истрагата утврдила дека досегашната бројка од 36.000 коали во Нов Јужен Велс е застарена.

„Пожарите во изминатите години имаат погодено површина од повеќе од пет милиони хектари, што е 24% од живеалиштата на коалите“, се вели во извештајот.

Австралиската фондација за коали минатата година процени дека во целата земја се останати не повеќе од 80.000 од овие животни.

„Коалите се легендарно австралиско животно препознато низ цел свет и наше национално богатство и мора да направиме сѐ за да ги зачуваме за идните генерации“, изјави министерот за животна средина на Нов Јужен Велс, Мет Кин.