КОРИСТЕЊЕТО НА КАНАБИСОТ СЕ ЗГОЛЕМИЛО СО ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА И КОВИД ПАНДЕМИЈАТА, ВЕЛАТ ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

Виена, (Ројтерс)

Легализацијата и пандемијата на ковид-19 придонесле за зголемување на користењето на канабисот, се вели во годишниот Светски извештај за дроги на Обединетите нации.

Канабисот долго време е најкористената дрога на светот. Дел од американските сојузни држави ја легализираа рекреативната употреба, исто како и Уругвај и Канада. И други држави преземаат слични чекори, но извештајот се фокусираше на овие три земји.

Легализацијата ги забрза нагорните трендови во пријавената дневна употреба на марихуаната. Ова особено е забележливо кај постарите тинејџери“, вели Канцеларијата за дроги и криминал на ОН, со седиште во Виена.

Во извештајот се вели дека околу 284 милиони луѓе, односно 5,6% од светската популација, користеле дроги како хероин, кокаин, амфетамин или екстази во 2020. Од нив, 209 милиони консумирале и канабис.

Производството на кокаинот достигнало рекордни нивоа во 2020, додека опиоидите остануваат најсмртоносните дроги, при што од предозирање со фентанил во САД починале 107.622 луѓе.