КОРОНАВИРУСОТ НЕ ГИ ЗАОБИКОЛИ И ВРВНИТЕ СПОРТИСТИ

Рим, (Би-Би-Си)

Пандемијата на коронавирусот доведе до најголемото запирање на глобалниот спорт по Втората светска војна, при што постои реална можност да се одложат и двете најголеми натпреварувања оваа година: Европско фудбалско првенство и Олимписки игри во Токио.

Коронавирусот не ги заобиколи ниту врвните спортисти, па неколкумина веќе објавија дека имале позитивен тест, а цели клубови доброволно се ставија во карантин.

НБА-лигата беше суспендирана откако беше потврдено дека е заразен играчот на Јута џез Руди Гобер, а после него позитивен тест имаа и неговиот соиграч Донован Мичел и Кристијан Вуд, кошаркар на Детроит пистонс.

Цел Јувентус се стави во карантин откако бекот Даниеле Ругани имаше позитивен тест, а познати случаи во англиската Премиерлига се тренерот на Арсенал Микел Артета и играчот на Челзи, Калум Хадсон-Одои.

Сампдорија потврди дека петмина негови фудбалери имаат коронавирус, а во тимот на Фиорентина има три случаи.

Бекот на Валенсија Есекиел Гарај вчера стана прв заразен фудбалер во шпанското првенство.

Данскиот репрезентативец и олимписки шампион Мадс Менсах Ларсен е првото големо име во ракометот заразено со КОВИД-19.