КОРОНАВИРУСОТ СТИГНА И ДО НАЈВИСОКИОТ ВРВ НА СВЕТОТ

Катманду, (Би-Би-Си)

Коронавирусот ја освои и највисоката планина на светот.

Норвежанецот Ерленд Нес е првиот планинар кој имал позитивен тест за коронавирус во базниот камп на Монт Еверест. Тој со хеликоптер бил превезен во Катманду, каде што поминал осум дена во изолација во болница. И еден локален водич од неговиот тим исто така бил заразен.

Ова е неочекуван удар за Непал, кој тукушто, по една година пауза, повторно ги отвори своите планини за искачувања, што претставува важен извор на приходи за неговата економија. Земјата заработува четири милиони долари годишно само од издавањето дозволи за качување.

Нес вели дека не е сигурен каде се заразил. Сите странци кои влегуваат во Непал мора да приложат доказ за негативен тест направен 72 часа пред доаѓањето, а во базниот камп е задолжително да се носи маска и да се држи дистанца.

„Малку луѓе носат маска на патеките“, изјави Нес, кој шест дена бил болен во планините пред да биде евакуиран.