КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО НА АЛБАНЦИТЕ, ТУРЦИТЕ, РОМИТЕ И ВЛАСИТЕ НА ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19 часот, во Музејот на Македонија ќе се отвори изложбата „Етнолошкото наследство на малцинските етнички заедници“.

Ова е прва изложба во Музејот која интегрално го претставува културното наследство на Албанците, Турците, Ромите и Власите. Музејот располага со богати музејски збирки поврзани со овие заедници, кои биле од витално значење за истражувањето на нивните фолклор и традиција.

„Овие етнички заедници со векови живеат на исто тло и потребата и нужноста за нивна непосредна секојдневна комуникација е сосема природна. Како резултат на тоа, материјалното и духовното културно наследство на овие етнички заедници биле во постојан допир и меѓусебно влијание, но, сепак, тие успеале да создадат автохтони културни вредности, зачувувајќи ги на тој начин своите посебност и индивидуалност, односно идентитет“, вели Фима Трајковска од Музејот.

На изложбата се прикажани предмети кои се дел од народни носии и накит, како и предмети за домаќинство, направени од дрво, текстил, метал и грнчарија и тие датираат од 19. до средина на 20. век.

„Тие ги раскажуваат приказните за минатите времиња и за културните достигнувања на етничките групи, со што се потврдува и зачувува нивниот идентитет. Јазикот, религијата и народните носии се клучни елементи по кои се разликуваат етничките заедници. Овие разновидни културни богатства на нашата земја треба да бидат заштитени со големо внимание, со цел да се афирмираат и заштитат различните идентитети на етникумите“, вели Трајковска.

Изложбата ќе ја отворат министерот за култура Асаф Адеми, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар.