ЛЕНИ КРАВИЦ НА 3 МАЈ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачот, текстописец и продуцент Лени Кравиц на 3 мај догодина ќе одржи концерт во Скопје во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

Концертот на Кравиц во Скопје е во рамките на неговата европската турнеја по излегувањето на новиот албум „Рејс вибрејшн“, а го носи „Авалон продукција“.

„Од сите земји во регионот, Скопје и Софија се единствените градови каде фановите ќе имаат шанса да го видат неверојатното шоу на Лени Кравиц. За ексклузивноста на скопското шоу доволно говори и фактот што во оваа турнеја не се опфатени градови како што се Белград, Загреб и Атина“, велат од „Авалон продукција“.

Цената на влезниците за концертот ќе биде објавена во понеделник.

Педесет и четиригодишниот Кравиц ја освојуваше Греми наградата за најдобра машка рок изведба четири години по ред од 1999 до 2002 година, со што го урна рекордот во оваа категорија за најмногу освоени награди последователно. Има добиено награди и на американските музички награди, МТВ видео музичките награди, Радио музичките награди, британските награди и Блокбастер ентертејмент наградите .

Кравиц има продадено околу 38 милиони албуми низ светот.