Американското летало „Озирис-Рекс“ оствари успешен маневар и слета на древен астероид за да собере примероци од неговата карпеста површина. Радиосигналите од 330 милиони километри оддалеченост потврдија дека леталото остварило контакт со 510 метри широко тело наречено Бену.
Сепак, НАСА ќе мора да почека дополнителни податоци пред да дознае дали „Озирис-Рекс“ навистина собрал примероци за анализа. Целта беше да се соберат најмалку 60 грама материјал, а по можност и еден килограм и повеќе. Контактот со астероидот траел само неколку секунди.
Бидејќи Бену е примитивен вселенски предмет, научниците велат дека честичките од неговата површина би можеле да содржат фасцинантни информации за хемијата што довела до создавањето на Сонцето и планетите пред 4,5 милијарди години.
„Целиот тим е возбуден и емотивен. Сите сме многу горди. Во наредните денови ќе дознаеме колку сме добиле од тие неверојатни примероци што ги чекаме со децении“, изјави главниот истражувач Данте Лорета од Универзитетот Аризона.
Ако „Озирис-Рекс“ успеал да собере нешто, тој ќе се врати на Земјата во 2023 година.