Операта од Гаетано Доницети „Лучија од Ламермур“ ќе се изведе вечерва од 20 часот на 47. Мајски оперски вечери, во Националната опера и балет (НОБ).

Во насловната улога ќе биде првенката на НОБ Ана Дурловски. Италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, добитник на многубројни интернационални награди, е Енрико, додека во улогата на Едгардо ќе настапи Ифрим Космин од Романија. Во улогата на Рајмондо ќе настапи Иван Томашев, солист на Националната опера во Белград, а во улогата на Артуро Марјан Николовски. Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски ќе настапат како Ализа и Нормано. Диригент е гостинот од Бугарија, Најден Тодоров.

Претходно во 19 часот, во фоајето на НОБ ќе се отвори изложбата посветена на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ. Проектот „Божествена симбиоза“ се реализира на иницијатива и со финансиска поддршка од Матицата на иселениците од Загреб, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Заедницата на Хрвати во Македонија.

„Проектот има за цел да ги презентира животните стории и фрагментите од дејствувањето на Ана Липша-Тофовиќ на овие простори преку изложба на нејзини предмети, фотографии, костими, плакати и сè што е зачувано“, велат од НОБ.