МАКЕДОНСКО-БОСАНСКАТА ПРЕТСТАВА НА НИНА НИКОЛИЌ И МНТ ОСВОИ ЧЕТИРИ НАГРАДИ НА ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО БИХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Нема да биде крај на светот“, копродукција на „Перипетија продукција“ од Скопје, Македонски народен театар (МНТ) и Сараевски ратни театар (САРТР), доби четири награди на театарскиот фестивал „Живи фест“ во БиХ.

Специјалната награда за режија ѝ припадна на Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка ја доби Дарја Ризова од МНТ, Саша Ханџиќ за најдобар актер, а специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.

„Нема да биде крај на светот“ ја имаше првата премиерна изведба на 18 септември во САРТР, а скопската премиера се очекува кон крајот на ноември.

„Засновајќи ја својата режија првенствено на посветената работа со актерите, Нина Николиќ нѐ потсети дека театарот е синтеза на различни елементи, но во своите најдобри моменти главно се базира на способноста да остане актерска уметност. Дарја Ризова демонстрира големи актерски способности, покажувајќи колку актерската уметност е способна да ги надмине јазичните бариери“, објави жирито.