МАРИХУАНАТА Е ЛЕГАЛНА ВО КАНАДА, ДРЖАВАТА ОЧЕКУВА ГОДИШЕН ПРИХОД ОД 400 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Торонто, (АП)

Јан Пауер беше меѓу првите кои легално купија рекреативна марихуана во Канада, но не планира да ја испуши. Тој планира да ја врами.

Пет години после Уругвај, Канада денеска стана втората и најголема држава на светот со легален пазар на марихуана, откако првите продавници беа отворени на источниот остров Њуфаундленд на полноќ по локално време.

„Ќе ја врамам и ќе ја оставам да виси на ѕидот. Нема да ја пушам. Ќе ја чувам цел живот. Прохибицијата заврши. Испишавме историја. Не ми се верува дека успеавме. Канабисот сега е легален во Канада и сите би требало да дојдат во Канада и да го уживаат“, изјави 46-годишниот Пауер, откако го купи првиот грам легално.

  • Поседувањето марихуана беше прогласено за незаконско во Канада во 1923 година.
  • Во 2001 година, Канада ја легализираше медицинската употреба.
  • Целосното легализирање беше предизборно ветување на сегашниот премиер Џастин Трудо во 2015 година.
  • Федералните власти проценуваат дека продажбата на марихуана ќе донесе годишен даночен приход од 400 милиони долари.
  • Легално ќе можат да се поседуваат најмногу 30 грама и да се садат најмногу четири растенија во домашни услови.
  • Онтарио, најнаселената канадска провинција, ќе ги отвори првите продавници дури напролет.
  • Властите најавија дека ќе бидат помилувани сите лица кои биле затворени поради 30 или помалку грама марихуана.
  • Долната граница за дозволено купување е поставена на 19 години, со исклучок на Алберта и Квебек, кадешто ќе може да се купи и со 18 години.