МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА „СЀ ШТО НИ Е ЗАЕДНИЧКО“ ВЕЧЕРВА ВО МСУ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ на кураторите Мира Гаќина и Јованка Попова, се отвора вечерва во 20 часот во Музејот на современа уметност (МСУ). Учествуваат Ана Адамовиќ (Србија), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Жанета Вангели (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Христина Иваноска (Македонија), Славица Јанешлиева (Македонија), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Шејла Камериќ (БиХ), Албан Муја (Косово), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу (Грција), Рената Пољак (Хрватска), Анри Сала (Албанија/Франција), Флака Халити (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Иштван Ист Хузјан (Словенија), Јане Чаловски (Македонија) и Билјана Џурџевиќ (Србија).

Според кураторите, изложбата ја поставува несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост.

„Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство. Оттаму, изложбата ја поттикнува свеста за општата несигурност, но имотивирана акција. Изборот на делата нѐ позиционира по прашањата како ги разбираме актуелните состојби и ни дозволува да размислуваме како личнатавизија, одговорност и заложба може да е споделена општествено“, велат кураторите  Гаќина и Попова.

Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура на Македонија, повеќе институции и компании како „Еуролинк осигурување“ и „Стоун дизајн“.

Б. НЕСТОРОСКА