Денес во 13 часот во малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, ќе биде промовиран каталог за мелограмите од легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов. Каталогот го изработија студентите на програмата од вториот циклус студии за музички науки при Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Николче Витковски и Цветанчо Николоски под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски.

Во овој каталог се попишани 10.166 мелограми кои се дел од обемниот легат на Хаџиманов кој се наоѓа во архивот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). На промоцијата каталогот ќе им биде предаден на претставниците на МАНУ.

Првата прецизна евиденција за содржината на овој легат беше изработена од м-р Елени Новаковска, исто така под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски во 2005 година.

„Поводот за попишувањето на мелограмите произлезе од работата врз колекцијата на носачи на звук (ленти и касети) од истакнатиот македонски фолклорист Кирил Пенушлиски, која е дигитализирана во Архивот Бужаровски од професорката Трена Јорданоска во 2008 година. При тоа во метаподатоците кои ги придружуваа лентите беше назначено дека дел од нив се мелографирани од Васил Хаџиманов. При пребарувањето на овие мелограми во архивот на МАНУ беше одлучено да се попишат сите мелограми, за да не се случи да се испушти некој мелограм кој може да е зафрлен меѓу останатите материјали. По завршувањето на оваа каталогизација беа скенирани 787 мелограми од кои 610 мелограми се поврзани со Колекцијата Пенушлиски. Тие во моментов се обработуваат и пренесуваат во современ нотен процесор со што ќе се овозможи внесување на податоците кои недостасуваат во мелограмите на Хаџиманов“, велат од Архивот Бужаровски.

На промоцијата ќе се одбележи и 25-годишнината од првите две дигитални снимки на хард-диск од творештвото на Бужаровски (соло песната „Тишина“ и композицијата „Скелетот и убавицата“).

Направени во програмата „Про тулс“ во 1993 година, тие се првите дигитални снимки на хард-диск не само во Македонија, туку и на Балканот. Со нив беше означен почетокот на дигиталното архивирање кое подоцна стана дел од БузАр, дигитален архив на звучно културно наследство во Македонија и пошироко на Балканот. Во него се наоѓаат дигитализирани и во најголема мерка каталогизирани 2 терабајти со аудио, видео, фотографии, книги, есеи и публицистички текстови, МИДИ, партитури, мелограми, бази на податоци – поврзани со македонското и балканското културно наследство.

Б. НЕСТОРОСКА