МЕМОАРИТЕ НА МИШЕЛ ОБАМА НА ПАТ ДА СТАНАТ ЕДНИ ОД НАЈПРОДАВАНИТЕ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Вашингтон, (Гардијан)

Автобиографијата на Мишел Обама, насловена „Becoming“, е на пат да стане најуспешната книга мемоари во поновата издавачка историја, откако досега се продаде во повеќе од 10 милиони примероци.

Издавачката куќа „Пингвин рендом хаус“ во 2017 година победи во жестокото наддавање за авторските права за автобиографиите на Барак и Мишел Обама, за што плати 65 милиони долари. Книгата на поранешната прва дама на САД во исто време беше објавена на 31 јазик во ноември минатата година, откако таа ја промовираше на популарна светска турнеја. Картите за нејзиното прво појавување во Велика Британија се продадоа за само неколку минути и таа ќе се врати во Лондон на 14 април, и тоа во „О2 арената“, каде што обично настапуваат најголемите светски поп ѕвезди.

Иако „Becoming“ бргу стана модерен бестселер, таа сè уште е далеку од успехот на „Дневникот на Ана Франк“. Првпат објавена на англиски во 1952 година, книгата оттогаш е преведена на 65 јазици и продадена во над 35 милиони примероци.