МИЈАЛКОВ ДОБИ 12 ГОДИНИ ЗАТВОР НА КРАЈОТ НА ТРИГОДИШНОТО СУДЕЊЕ ЗА НЕЛЕГАЛНО ПРИСЛУШУВАЊЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков денеска е осуден на 12 години затвор за нелегалното масовно прислушување во предметот „Тврдина-Таргет“. Судијката Џенета Бегтовиќ од Основниот кривичен суд им изрече вкупно 55 години затвор на 12-те обвинети, ставајќи крај на судскиот процес кој траеше три години.

  • Мијалков е осуден зашто формирал злосторничко здружување и ги злоупотребил службената положба и овластувањата и од 2008 до 2015 година, без судска одлука, масовно прислушувал стотици граѓани.
  • Бившиот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и разузнавачот Никола Бошковски, кои се во бегство од 2017, се осудени на по 15 години затвор.
  • Три години затвор доби ексначалничката Надица Николиќ.
  • Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе мора да одлежи четири години затвор, зашто го одобрила уништувањето на опремата за прислушување, со што помогнала да се прикријат докази.
  • Тони Јакимовски, бившиот шеф на кабинетот на Мијалков, доби шест години затвор.
  • Обвинетите Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Силвана Златкова поминаа со условна затворска казна од по две години.