МИКРОПЛАСТИКАТА ВО ВОДАТА НЕ Е РИЗИК ЗА ЗДРАВЈЕТО, ВЕЛИ СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Микропластиката сѐ почесто се наоѓа во водата за пиење, но засега нема докази дека таа претставува опасност за луѓето, се вели во нов извештај на Светската здравствена организација (СЗО).

Не постои универзална дефиниција за микропластика, но генерално, тоа се сите парчиња со пречник помал од половина милиметар.

Во својот прв ваков извештај, СЗО заклучува дека поголемите честички поминуваат низ телото без да бидат апсорбирани. Сепак, како што додава, ова е засновано на ограничен број информации и повика на пообемно истражување.

„Под итно мора да дознаеме повеќе“, соопшти СЗО.

Производството на пластика забрзано се зголемуваше во изминатите децении и се предвидува дека повторно ќе се удвои до 2025 година, што значи и дополнително зголемување на количеството микропластика. Освен во реките, езерата и во водата за пиење, таа може да се пронајде и во водата во шишиња на големи производители.

Сериозни истражувања за присуството на пластиката во водите почнаа пред неколку години, па затоа и доказите се ограничени, вели СЗО.