МИЛЧИН СЕ ВРАЌА ВО ДРАМСКИ ПО 16 ГОДИНИ СО ПРЕМИЕРАТА НА „ПАНТАГЛЕЗ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 20 часот, во Драмски театар премиерно ќе се изведе претставата „Пантаглез“ од Мишел де Гелдерод, во режија на Владимир Милчин. Тој последен пат режирал во Драмски пред 16 години („Марисол“), а со „Пантаглез“ дипломирал во 1970 во истиот театар.

Текстот е напишан во 1929.

„Поразителен факт е што текст напишан пред 90 години звучи како да е напишан денес. И тоа е страшно, дека ние сме во ситуација на потполн пораз на цивилизацијата, хуманоста, на човечноста. Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21. век и наивно веруваме дека живееме во ‘најубавиот од сите светови’“, вели режисерот.

Во претставата играат Зоран Љутков, Соња Стамболџиоска, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Игор Георгиев, Предраг Павловски и Филип Петровски. Сценографијата е на долгогодишниот соработник на Милчин, Крсте Џидров, а костимите на Марија Пупучевска. Плакатот е на Нита Муча, а изборот на музика го направи режисерот.