МКЦ СО ПОВИК ДО МЛАДИ ОД 16-20 ГОДИНИ ЗА МЕЃУНАРОДЕН ТЕАТАРСКИ ПРОЕКТ „ХОРОТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Младински културен центар (МКС) во тек е отворен повик за интерактивна работилница за млади меѓу 16 и 20 години, која е дел од истражувачкиот процес за меѓународниот театарски проект „Хорот“, според трилогијата на Есхил, „Орестија“. Македонскиот тим ќе работи на вториот дел од трилогијата, во режија на Ивица Димитријевиќ.

„Главна цел на претставата е реобмислување на улогата на Хорот во античките драми во однос на денешниот социо-политички и културен контекст. Што значи зборот демократија во 21. век? Што значи да се биде граѓанин? Како да се поврзат локалното и глобалното, индивидуалното наспроти колективното? Како да се претстави демократијата на сцена?“, велат од МКЦ.

Работилниците ќе се одвиваат во просториите на МКЦ во Скопје во три фази, во времетраење од 70 минути. На трите фази ќе работат: Александра Михајловска (актерка и младински работник), Кире Василев (магистер по европски студии и студии за труд, социјални движења и развој), Мариглен Демири (професор по филозофија) и Билјана Крајчевска (драматург и педагог). Координатор е актерката Јасмина Василева.

Бројот е ограничен на 30 учесници, а пријавувањето трае до 12 февруари на [email protected]. Проектот е поддржан од Креативна Европа, а во копродукција на МКЦ Скопје, АпСтарт Театар од Лондон, Патос од Минхен и Театар ам Ланд од Грац.