Генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутиереш го посочи контрастот на водството и мобилизацијата на младите низ светот наспроти отсуството на акција на владите во пресрет на двонеделната конференција за климата во Мадрид.
Над 29.000 учесници се очекуваат на конференцијата ЦО25, меѓу нив и 50-ина светски лидери и таа е почеток на 12-месечни преговори, што треба да кулминираат следниот ноември во Глазгов. Иако речиси сите земји го имаат потпишано Парискиот договор за климата, од нив се бара до крајот на 2020 година да ги достават своите планови и заложби на тој план.
Гутиереш предупреди дека „точката од која што нема враќање е на повидок“. Тој кажа дека светот има технолошки и економски можности да го запре климатскиот хаос, но недостига политичка волја.
„Јавноста се буди насекаде. Младите луѓе покажуваат неверојатни водство и мобилизација, но ни треба политичка волја за да се намалат штетните емисии, прекинат субвенциите за фосилни горива и да почне да се оданочува загадувањето, а не луѓето. Во следните 12 месеци клучно е да се обезбедат поамбициозни национални заложби, со цел емисиите на стакленичките гасови да се намалуваат со константно темпо за да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година“, кажа Гутиереш.