Македонскиот народен театар (МНТ) ги почна пробите за новата претстава „Иванов“, по текст на Чехов, чија премиера е предвидена за мај. Преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа, а адаптацијата и режијата се на Зоја Бузалковска.
Во претставата ќе играат Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.
Сценографијата е на Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Давид Ангелевски.
„Иванов“ по 39 години повторно се поставува на сцената на МНТ, каде што Чехов беше застапен и со драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вишновата градина“, „Малиот човек“ и „Вујко Вања“.