МНТ И СОКОМ ГИ ОТКАЖАА НАСТАНИТЕ ПО ПОЖАРОТ ВО КОЈ ЗАГИНАА 59 МЛАДИ И МАЛОЛЕТНИ ЛИЦА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Културните институции почнаа да ги откажуваат настаните за наредните денови, поради страотната несреќа која се случи утринава (16 март), во која загинаа 59 лица во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Македонскиот народен театар (МНТ) соопшти дека сите изведби во текот на оваа недела од 17 до 22 март ќе бидат откажани, како знак на почит кон настраданите и нивните семејства. За на 17 март беше најавено гостување на Црногорско народно позориште со претставата „Господа Глембаеви“.

Средствата од купените онлајн билети на публиката ќе ѝ бидат рефундирани системски, а билетите купени од билетарницата ќе се рефундираат на истата, секој работен ден од 12 часот.

Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) соопшти дека ги откажуваат предвидените концерти во програмата на фестивалот Деновите на македонска музика.

Фестивалот требаше да почне на 17 март, а од СОКОМ велат нови информации ќе бидат дополнително објавени.