„МОБИУС 2“ Е ПРВИОТ ТЕРЕНЕЦ НА АФРИКАНСКАТА АВТОИНДУСТРИЈА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Повеќе од половина патишта во Африка не се асфалтирани, па затоа не чуди што кенискиот автопроизводител „Мобиус моторс“ планира на пазарот да понуди соодветно возило за такви услови.

„Мобиус 2“, кој треба да се појави наредната година, е првиот африкански теренец и компанијата веќе почнала да прима нарачки. Тој треба да биде значителен чекор напред во однос на првиот модел на компанијата, што излезе во 2014 година.

„Мобиус моторс“ беше основана од британскиот бизнисмен Џоел Џексон во 2009 година, откако увидел дека возилата на локалните жители не одговараат на суровата околина.

„Продуктивноста на милиони луѓе страда затоа што им треба многу време да стигнат од едно до друго место и овој проблем може да се реши со подобар производ“, вели Џексон.

Компанијата сака да се прошири на сите пазари каде што има лоши патишта.

„Автоиндустријата сѐ уште е фокусирана на економиите на Бразил, Русија, Индија и Кина. Африка сите ја занемаруваат, а тука постои можност да се направи нешто поинакво“, додава тој.

Почетна цена на „мобиус 2“ ќе биде 12.500 долари, што е рамно на пет-шест години стар автомобил во Кенија и секако ќе биде поевтин од увозните модели.

Освен Кенија, со автоиндустрија во Африка можат да се пофалат и Нигерија и Уганда.