Оскаровката Џенифер Хадсон ќе ја игра Арета Френклин во биографскиот филм за кралицата на соул музиката, беше официјално објавено на традиционалната забава пред доделувањето на Греми наградите.

Седумдесет и петгодишната Френклин лично ја избрала Хадсон за оваа улога.

„Кога следната година ќе се снима филм за големата Арета Френклин, во таа улога ќе се најде нашиот следен изведувач. Арета лично ми го кажа ова минатата недела“, кажа легендарниот продуцент Клајв Дејвис, најавувајќи го настапот на Хадсон, која отпеа комбинација од три песни на Френклин.

Тој ја почна соработката со Хадсон, откако таа заврши на седмото место во „Американски идол“, промовирајќи ја како „Витни Хјустон и Арета Френклин на новата генерација“.

„Таа е неверојатен изведувач. Нејзиниот глас е неверојатен. Кога и да ме прашуваат која е новата Арета, јас велам дека тоа е Хадсон“, додаде Дејвис.

Филмот за Арета Френклин е веќе некое време во подготовка од МГМ. Засега не е познато кој ќе биде режисер и сценарист.