Мурал за кој се верува дека е стар 3.800 години е откриен од археолози во Перу. Ѕидот е пронајден во рамките на јавна церемонијална зграда на локалитетот Вичама, северно од Лима. Комплексната сцена содржи прикази на луѓе и бизарен човек налик на жаба.

„Веруваме дека сцената прикажува доаѓање на вода преку дожд“, изјави директорката на археолошката зона Карал, д-р Рут Шејди Солис.

Таа вели дека во андската цивилизација жабите ја симболизирале водата, а човечкото лице ги претставува луѓето кои го исчекуваат дождот за да има продолжување на животот. Истражувачите претпоставуваат дека муралот е направен во период на глад и недостиг на намирници.

„Муралот прикажува време на криза за луѓето кои живееле тука“, кажа археологот Татјана Абад.

Ископувањата на овој локалитет почнале во 2007 година и се верува дека тој бил дом на древна земјоделска и рибарска заедница. Се верува дека оваа цивилизација мистериозно исчезнала околу 1800 година пред нашата ера, можеби, токму поради промени во климата.