НА 1 НОЕМВРИ „СУПЕРХИКС“ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ЗА СТО НАЈБРЗИ ФАНОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Суперхикс“ ќе одржи ексклузивен бесплатен концерт за мал број фанови, со кој ќе ја одбележи 20-годишнината од излегувањето на неговиот најуспешен албум „Трумано“. Прославата ќе биде во скопскиот клуб „Маракана“ на 1 ноември, а ќе можат да присуствуваат само 100 луѓе, и тоа најбрзите кои се пријавиле.

На концертот ќе се свират само песните од „Трумано“, кој се продаде во 30.000 примероци.

„Ја избравме ‘Маракана’ како место за ваков концерт затоа што точно пред 20 години во истиот клуб одржавме промоција на албумот ‘Трумано’ и воопшто не очекувавме дека за толку брзо време ќе се пополнат местата. Ова е почеток на славењето на 30. роденден на бендот и ќе го одбележиме со повеќе настани. Планирани се изложба на сите наши плакати, документарен филм, концерт и нов албум кој е при крај“, ни изјави Петар Младеновски-Пеце, фронтменот на „Суперхикс“,

Бендот е основан во 1993 година од тројца школски другари, а роденденот секогаш го слават на 3 март. На овој датум во 1994 бендот го имаше првиот настап во клубот „Дорс“ во Скопје. Имаат издадено седум студиски албуми и два демо албуми и одржале концерти во повеќе европски земји.

М. ЏАРОВСКА