НА 6 МАРТ ВО КУМАНОВО СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФКИ ОД МАКЕДОНИЈА

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

„Жените и фотографијата“ е насловена изложбата која ќе се отвори на 6 март во 19 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во организација на Фото клубот „Куманово“.

Ќе бидат изложени 80 фотографии од авторки од Македонија, а селекцијата е направена од повеќе од 250 пријавени фотографии.

„Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, фотографките успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени. ‘Жените и фотографијата‘ не е само изложба, таа е симбол на борбата за рамноправност, еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност“, велат организаторите.

Изложбата се организира по 12. пат по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.