За првпат во историјата, на Антарктик била измерена температура над 20 Целзиусови степени, што предизвика страв од можна климатска нестабилност во најголемото светско складиште на мраз.
Бразилски научници измериле 20,75 степени на островот Симор на 9 февруари, што е речиси цел степен повисоко од досегашниот рекорд од 19,8 степени, колку што имало на островот Сињи во јануари 1982 година.
Ова уследи по уште еден температурен рекорд: на 6 февруари аргентинска истражувачка станица измерила 18,3 степени во Есперанса, што е досега највисока температура на полуостровот Антарктик, најсеверниот дел на континентот.
Овие рекорди треба да бидат потврдени од Светската метеоролошка организација, но тие се во согласност со трендовите на полуостровот и околните острови, кои сега се потопли за три степени во споредба со прединдустриската ера.