Ѕид од камена доба откриен под брановите покрај германскиот брег на Балтичкото Море би можел да биде најстарата позната мегаструктура изградена од луѓето во Европа. Ѕидот, кој се протега речиси еден километар на морското дно во заливот Мекленбург, бил забележан случајно, кога научниците испитувале со сонарен систем од истражувачки брод околу десет километри од брегот.
Инспекција на структурата одблиску откри околу 1.400 помали камења кои се чини биле наредени да поврзат речиси 300 поголеми камења. Потопениот ѕид е покриен со 21 метар вода, но научниците веруваат дека бил изграден од ловците-собирачи близу езеро или мочуриште пред повеќе од 10.000 години. Иако намената на ѕидот тешко може да се докаже, научниците сметаат дека им служел на древните луѓе при ловење ирваси.
„Кога ги ловеле, животните ги следеле овие структури, не се обидувале да ги прескокнат“, изјави Јакоб Герзен од Институтот за истражување на Балтичкото Море „Лајбниц“.
Се верува дека покрај откриениот ѕид постоел уште еден, кој е закопан под морското дно. Герзен и неговите колеги не веруваат дека ѕидот долг 971 метар бил формиран низ природни процеси. Тој веројатно бил потопен пред 8.500 години поради покачувањето на нивото на морето.