НА КИЛИМАНЏАРО И ДУРМИТОР НЕМА ДА ИМА ГЛЕЧЕРИ ДО 2050, ВЕЛИ НОВ ИЗВЕШТАЈ НА ОН

Њујорк, (Би-Би-Си)

Бројни глечери во светот, вклучувајќи ги последните во Африка, неповратно ќе бидат изгубени до 2050 година поради климатските промени, вели нов извештај на Обединетите нации. Ќе исчезнат последните глечери на Килиманџаро, како и глечери на Алпите и во националниот парк Јосемити во САД.

Тие ќе се истопат без разлика дали светот ќе преземе акција против климатските промени. Повлекувањето и исчезнувањето на глечерите е еден од најдраматичните докази дека климата на Земјата станува потопла“, стои во извештајот, заснован врз сателитските податоци.

Во регионите под заштита на УНЕСКО има околу 18.600 глечери и се проценува дека една третина од нив ќе исчезне во следните три децении. Меѓу нив се и глечерите на Дурмитор (Црна Гора), Доломити (Италија), Јелоустон (САД) и Килиманџаро (Танзанија).

Авторите на извештајот велат дека останатите две третини можат да се спасат, но само ако светот го ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени.