Кога „Морска симфонија“ утре ќе исплови од Барселона, тоа ќе биде најголемиот и најскап крузер на светот.
Во сопственост на компанијата „Ројал карибијан“, тој ќе може да прими повеќе од 5.500 гости и на првото петдневно пробно патување, ќе пристигне на италијанското крајбрежје. Досегашниот рекорд го држеше претходникот на компанијата, „Морска хармонија“, со речиси 5.000 патници.
Долг 362 метри и тежок 228.000 тони, компанијата го опишува бродот како „врвно игралиште за гости од сите возрасти“. Тие на располагање ќе имаат 20 ресторани и шест барови, а во еден од нив коктели ќе мешаат роботи. Се градеше три години и посебен додаток се 28 луксузно опремени соби со тераси.
Забавните содржини ќе вклучуваат театарски претстави, казино, зип лајн, карпа за качување, кошаркарски терен и миниголф.
„Секој пат кога претставуваме нов брод, сакаме тој да биде уште поголем, па ова моментално е најголемиот крузер на светот. Создадовме ново ниво на авантура за семејните одмори“, вели директорот на „Ројал карибијан“, Мајкл Бејли.
„Морска симфонија“ официјално ќе ја почне својата пролетна и летна медитеранска сезона на 7 април, при што првите станици ќе му бидат Барселона и Палма де Мајорка. Во ноември, бродот се враќа во своето матично пристаниште во Мајами и ќе тргне кон Кариби.