НА НОВИОТ ГРБ БИ МУ ДОДАЛ МАГЛА И ЗАГАДЕНОСТ, НЕ ГО ЧЕПКАЈТЕ, РЕЧЕ САШКО КОЦЕВ НА „ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со инклузивната химна „Гуш и бац“, која ја пеат Мијата, Денис Јанкуловски, хорот на „Златно славејче“ и група деца, почна 28. „Златна бубамара на популарноста“.

И годинава, шоуто беше забавно и со одлични музички и сценски настапи, а поразлично од другите години зашто немаше ниту еден гостин од поранешна Југославија. Но, награда за животно дело зеде фолк легендата од Скопје Мухарем Сербезовски, кој живее во Сараево, а една од најголемите ѕвезди на вечерта беше оперскиот пејач Казухиро Котецу, кој дојде од Токио и испеа песна од Јонче Христовски на одличен македонски. Котецу доби награда за амбасадор на македонската култура.

Сашко Коцев, иако рече дека е болен и има „инфлуенца Ц“ како и цел град, беше стандардно одличен. Освен што има стендап кој секогаш ја смее публиката, тој со своите настапи испраќа и порака.

Сашко Коцев со сопственикот на радио „Бубамара“ Ранко Петровиќ, кој почна да го организира популарното шоу пред 28 години (Фото: К. Попов)

„Еднаш бев на приватен лекар, се накашлав, трипати магнет ми правеа“, рече актерот.

Шегите на сметка на промената на државниот грб беа актуелни и на „Бубамара“.

„Не го чепкајте грбот. Има река, има планина, јас само би му додал магла и загаденост на новиот грб. И не сме сигурни дали тој нов грб е за нас. Ако на него видам подобро здравство, подобро образование, посреќни деца, посилни спортисти, горди на својата земја, нема проблем, сменете сѐ. Според приложеното, и тоа ќе го упропастиме. Затоа, не чепкајте“, рече Коцев.

Дарио, водителката Вера Мештеровиќ и актерот Тино Костадиновски (Фото: К. Попов)

Водител на шоуто беше и актерот Тино Костадиновски, овојпат без неговиот колега Атанас Атанасовски. Тој се шегуваше на сметка на сегашната власт и рече дека за опозицијата нема да има шеги додека не се власт, „во наредниве 25 години“.

Фото: К. Попов

„Се направи детска Евровизија, па детска Влада. Тимчо Муцунски прво беше градоначалник, а сега е министер. Сите во Владата носат очила за да изгледаат посериозно, а тој за да изгледа постаро. Го земаа во Влада зашто детските билети за авион се поевтини“, рече Костадиновски, кој имаше суперзабавен стендап и доби голем аплауз.

По долго време, Калиопи се врати на „Златна бубамара“ со три заслужени награди, за пејачка на годината, албум на годината и за концерт на годината. Битолскиот камерен оркестар доби награда за најпопуларен оркестар, а диригираше маестро Владимир Димовски.

„Лесно е да си пејачка на годината кога долги години јас сум пејачка на вашите срца“, рече Калиопи и испеа моќен акустичен микс од најголемите хитови.

„Наградата за трајни вредности ја земам не затоа што сум траел, туку затоа што, кажете драгичка, планирам уште долго да траам“, кажа Дарио, кој исто така испеа избор од своите најголеми хитови.

Награда за хит на годината добија Слаткар и „Некст тајм“ за песната „Океани“.

Слаткаристика и „Некст тајм“ со Ирена Спировска (Фото: К. Попов)

„Им порачувам на оние кои ја водат државата да се трудат младите да останат тука, за да не правиме веќе вакви песни“, рече Слаткаристика за „Океани“, која им е посветена на иселениците.

„Меморија“ доби награди за рок група и за рок концерт и имаше два емотивни настапи. Првата песна „За тебе“ е посветена на покојната сопруга на пејачот Апостол Икономов-Поце. На втората песна, „Само на добро нека е“, со нив настапи прилепчанецот Филип Николовски, талентиран пејач, кој е лице со посебни потреби и фан на бендот.

Илија Најдовски доби награда за спортска легенда, најпопуларен актер е Ѓорѓи Јолевски, најпопуларна актерка е Дарија Ризова, а претстава на годината е „12“. Најпопуларен писател е Тихомир Јанчовски.

Калиопи (Фото: К. Попов)

„За театарот давате најмалку аплауз“, се пошегува режисерот Синиша Евтимов, кој на сцената излезе со дел од екипата на легендарни актери.

„Синиша можел да ја направи претставата и со шест актери. Зашто овие 12 само се караат на сцена. И приватно да ги собереш, можат да се караат“, се пошегува Тино Костадиновски. Претставата „Роња“ на Театарот за деца и младинци доби награда за најпопуларна детска претстава, а Ана Петановска за најперспективна пејачка. Хитот „Диско пар“ во дует го испеаја Петановска и Зорица Поп-Панкова, а Петановска запеа и со Сашо Гигов-Гиш во „Моја гитара“.

Игор Џамбазов и ансамблот „Македонија“ (Фото: К. Попов)

За 30 години популарност се наградени „К-15“, кои во мај ќе имаат два настапа во арената „Борис Трајковски“.

„Десет години не сме на сцената, а популарноста на ‘К-15‘ не престана“, рекоа Бранко Огњановски и Васко Тодоров.

Награда за животно дело доби и фолк-пејачот Перо Христов. Награден беше и ансамблот на Стефче Стојковски за етно концерт, а награда за трајни вредности доби сликарот Мирослав Масин.

Мирослав Масин, Васко Тодоров и Сашко Коцев (Фото: К. Попов)

Фолк-дивата Сузана Спасовска исто така ја доби наградата за трајни вредности. Во најавата, Ирена Спировска рече дека досега снимила 600 песни, 25 аудио изданија и 100 спота. Сузана Спасовска растури со својот настап, особено со народната „Судбо моја“.

Сузана Спасовска (Фото: К. Попов)

Ниту една „Бубамара“ не може да помине без Игор Џамбазов. Уште еден негов настап кој долго ќе се раскажува е „Тешкото“ од Блаже Конески, заедно со ансамблот „Македонија“. Најпатриотски и највпечатлив дел од вечерта беа токму овие неколку минути.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ