Вевчани објави дека е подготвено за уште еден уникатен, луд, забавен и масовен пречек на Стара Нова година, најавувајќи дефиле на повеќе од илјада маски на традиционалниот карневал. Тој и оваа година ќе се одржи од 12 до 14 јануари, кога се очекува Вевчани да го посетат околу 10.000 луѓе.

„Вевчански карневал значи дводневна тотална слобода и најголем театар на отворено на светот. Тој исто така е оригинален начин да се прослави Нова година, спој на паганското и современото, фестивал на сатирата на кој отворено се критикуваат власта и општествените збиднувања од претходната година“, изјави градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.

Централниот настан, дефиле на маските, ќе се одржи на 13 јануари, со почеток во 14 часот, а во музичката програма ќе учествуваат „Архангел“, „Баклава“, „Културно-уметнички работници“, Неша Галија…

„Ова ни е прв настап на Вевчанскиот карневал и многу му се радуваме. Тука за првпат во живо ќе изведеме и неколку песни од нашиот нов албум“, изјави пејачката на „Баклава“, Елена Христова.