НАД 1.000 МУЗИЧАРИ ОБЈАВИЈА ТИВОК АЛБУМ ПРОТЕСТИРАЈЌИ ПРОТИВ КОРИСТЕЊЕТО НА НИВНАТА МУЗИКА ЗА РАЗВОЈ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Повеќе од 1.000 музичари, вклучувајќи ги Ени Ленокс (фото), Дејмон Албарн и Кејт Буш, објавија тивок албум денеска, протестирајќи против најавите на британската влада дека ќе го измени законот за авторски права, што ќе им олесни на компаниите за вештачка интелигенција (ВИ) да ги обучуваат своите четботи без да мора да платат за авторски права за користените дела.

Според новите предлози, компаниите за вештачка интелигенција ќе можат да ја користат содржината на креаторите на интернет за да помогнат во развојот на нивните ВИ-модели, освен ако носителите на правата одлучат да не учествуваат во тоа.

Музичарите се надеваат дека албумот насловен „Is This What We Want?“ ќе го сврти вниманието кон можното влијание врз музичката индустрија во Велика Британија и условите за живот на музичарите. Сите средства ќе бидат донирани за хуманитарната организација „Помогнете им на музичарите“.

Во музиката на иднината дали нашите гласови ќе бидат неслушнати?“, кажа Кејт Буш.

Албумот, кој е поддржан и од имиња како Били Оушн, „Клеш“, „Џамироквај“ и Ханс Цимер, содржи снимки од празни студија и простори за настапи. Листата на песните едноставно ја испраќа пораката: „Британската влада не смее да ја легализира кражбата на музика во корист на компаниите за вештачка интелигенција“.

(Фото: АП)