НАД 500 УЧЕНИЦИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА 10. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕЦА ЏИФОНИ, ГОСТУВААТ И ЕДНИ ОД АВТОРИТЕ НА „ДИЛАН ДОГ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 500 ученици од Македонија и шест други европски земји ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе следат креативни работилници на 10. издание на филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија. Ќе биде отворен вечерва со проекцијата на италијанскиот филм „Итало“ во кино „Милениум“ (19 часот).

Темата на фестивалот е „Невидлива моќ“ и е посветена на моќта на младите која е невидлива во општеството, но е основа врз која се градат сегашноста и иднината за сите. На фестивалот ќе има гости од Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.

„Во Скопје дојдовме пред 10 години и се радуваме како фестивалот расте. Во овие 10 години фестивалот се обраќаше на децата од 11 до 19 години, но би сакал да ја продолжиме оваа приказна и со помалите деца“, рече Јакопо Губитози, директорот на „Џифони експириенс“.

Фестивалските активности продолжуваат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и МКЦ. Освен што ќе гледаат филмови од поновата европска продукција, „џифонците“ ќе учествуваат и на 11 работилници.

Во рамките на фестивалот, утре ќе се одржи и Денот на италијанскиот стрип, при што ќе гостуваат Серџо Џерази и Алесандро Билота, едни од авторите на „Дилан Дог“.