Јована Миладинова (фото) ја доби наградата за најдобра женска улога, а Васил Зафирчев за најдобра машка споредна улога на Фестивалот на актерот, кој се одржа во Никшиќ, Црна Гора. Тие играа во претставата „Едвард Втори“, во режија на Андреј Жолдак.
„Јована Миладиновa храбро исчекори од просторот на нејзиниот животен хабитус и на фасцинантен начин, со зборови, движење и енергија, креираше лик на жена распната помеѓу љубовта, страста и желбата за власт. Васил Зафирчев го креираше ликот со особена сценска лирика, со прецизни актерски средства, потпирајќи се на кореографија и сценски движења“, рече познатиот босански актер и режисер Зијах Соколовиќ, кој беше претседател на жирито. во која беа и актерката Весна Чипчиќ и писателот Милош Латиновиќ.
Образложувајќи ја наградата за младата Миладинова, која е студентка на факултетот Еуропа Прима, Соколовиќ во неколку наврати беше прекинуван со аплаузи од присутните гледачи во театарот во Никшиќ.
„Благодарам на жирито, но и на публиката, која нѐ следеше мошне внимателно. Тие го забележаа секој детаљ од нашата игра“, кажа Миладинова при врачувањето на наградата.
Таа неодамна беше прогласена за најдобра млада актерка на фестивалот МЕСС во Сараево, а истото признание за оваа ролја го доби и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп годинава.
„За овој проект наградите не се само лични, туку се и за претставата и за режисерот. Тоа значи дека жирито ги препознало современите актерски постапки преку кои ние ги градиме ликовите во претставата“, рече Васил Зафирчев.
„Едвард Втори“ е копродукција на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Драмскиот театар од Пловдив. Премиерата беше лани на Охридско лето.
П. ПЕЧКОВ