НАСА ќе ја отвори Меѓународната вселенска станица (ИСС) за туристи од 2020 година и ноќевање во неа ќе чини 35.000 долари. Заменик директорот на ИСС Робин Гејтнс кажа дека годишно ќе се организираат две кратки приватни космонаутски мисии. Ќе се патува со американски летала и престојот ќе може да трае најмногу 30 дена.

„НАСА ја отвора Меѓународната вселенска станица за комерцијални цели, нешто што досега не сме го правеле“, изјави главниот финансиски офицер Џеф Девит.

Приватни комерцијални компании ќе бидат задолжени за медицинските прегледи и за потребните тренинзи на туристичките космонаути, за што НАСА ги ангажираше „Спејс-Екс“ на Илон Маск и „Боинг“.

НАСА не е сопственик на станицата, која беше изградена во 1998 година заедно со Русија, која има поопуштен пристап кон нејзина комерцијална употреба. Во 2001 година, американскиот бизнисмен Денис Тито ѝ плати 20 милиони долари на Русија за да стане првиот турист на ИСС.