ФРАНЦУСКИ УЛИЧЕН УМЕТНИК ПРАВИ ОГРОМНИ ГРАФИТИ НА ПЛАНИНИ И ПОЛИЊА КОИ ТРААТ САМО НЕКОЛКУ ДЕНА

Париз, (Гардијан)

Сајп е една од најновите француски сензации во уличната уметност, но место да работи во урбано опкружување, тој креираше свој сопствен бренд на земјена уметност: масивни биоразградливи дела што ги прави на тревнати површини на падини на планини.

Својот најнов проект Сајп ќе го прави на тревникот кај Ајфелова кула (Фото: Гардијан)

За разлика од традиционалната земјена уметност, која се карактеризира со епски дела од карпи и природни материјали или се добива со косење и длабење облици во природа, Сајп користи боја и спреј за да прави ултрареалистични слики на локални луѓе на самата трева, налик на графити. Тој притоа твори со биоразградлива боја, што ја прави по домашен рецепт.

Од француските и швајцарските Алпи до поле во Русија, неговите дела се видливи само од воздух и не траат долго, бргу исчезнувајќи во пејсажот.

„Девојче и бротче“, Женева

Тој сега се враќа да работи во град. Со вистинско име Гијом Легро, тој е првиот уметник на кого му беше дозволено да работи на тревникот кај Ајфелова кула. Неговиот нов проект се вика „Зад ѕидови“ и ќе прикажува серија од раце како се држат за зглобови, што ќе се протега на површина од неколку стотици квадратни метри. Делото ќе може вистински да се види само од врвот на кулата. За него ќе му требаат неколку недели работа и 1.300 литри боја, а ќе постои само два дена, пред луѓето да го изгазат.

„Тоа е човечки синџир, симбол на заедништвото во времето кога луѓето сѐ повеќе се вртат кон самите себеси“, вели 30-годишниот Легро.

Во наредните три години, тој планира да го повтори проектот во други градови низ светот, од Најроби до Белфаст.